Иако изминаа неколку месеци од почетокот на новата календарска година во Град Скопје се уште нема чекори кон реализација на ветувањето за обезбедување менструални производи за девојчињата од средните училишта на територијата на градот. Оваа барање изгласано со Амандман предложен од советничката во Советот на Град Скопје од ДОМ Теодора Крстевска при носењето на буџетот за 2023 година со што беа издвоени 4 милиони денари (64.000 евра) за негова реализација.
И лани Крстевска при носењето на буџетот за 2022 предложи амандман за оваа намена да се предвидат 2 милиони денари (32.000 евра), кој беше прифатен од советниците, но средношколките од Скопје до крајот на годината не добија бесплатни менструални производи. Зошто оваа одлука не беше реализирана, за односот на градската администрација кон одлуките на Советот, за поддршката од останатите советници, како и за идни активности за реализација на нејзината иницијатива разговаравме со советничката Теодора Крстевска од ДОМ.
– Лани кога го предложив амандманот добив поддршка само од СДСМ и од Зелен хуман град, ВМРО беа воздржани, но амандманот беше изгласан и беаз издвоени 2 милиони денари од Буџетот за негова реализација. Годинава повторно го предложив амандманот и имаше широка поддршка, и од СДСМ и ВМРО, и тоа за двојно повисока сума – 4 милиони денари. Бидејќи лани реакциите беа дека се малку пари, јас ги најдов од друга ставка од каде може да се извадат и изгласани беа 4 милиони денари за оваа намена – вели Крстевска.
На прашањето дали се знае од која буџетска ставка се издвојуваат средствата и каде ќе се трошат, таа додава дека во буџетот точно се посочува од која ставка се вади и во која ставка става, и оваа активност спаѓа во сектор образование во програмата која што беше изгласана. Дел од програмите уште не се изгласани, вели таа, но за средно образование била изгласана уште на денот од буџетот и точно е предвидено по шифра и по број, и во самата програма дека овие средства се наменети за менструални производи за средношколките од Скопје. Но, овие податоци не се лесно достапни за јавноста, па дури ни за медиумите.
– Ако зборуваме за транспарентност Амандманите не ги објавуваат. Зелен хуман град ги објавуваат како документи на нивниот веб сајт. На Град Скопје јас лично лани не можев ни буџетот да го најдам – посочува советничката Крстевска, укажувајќи на недостиг на проактивност на градската администрација.
Но и јавноста не е проактивна по ова прашање кое засега голем дел од активната популација, па реакции од јавноста зошто не се реализира активноста кога е изгласан амандманот и има издвоено средства од буџетот, освен од ретки медиуми и граѓански организации, скоро и да нема.
– Имаше прв пат реакции кога НВО Новинари за човекови права напиша статусот годинава, а ме исконтактираа и две новинарки (од Радио МОФ и СДК, н.з.), но дотогаш ниту еден медиум, ниту некој директор на училиште не реагираше, не се интересираше до каде е реализацијата на акцијата – посочува Крстевска.
Иако се чини дека свесноста за ова прашање е на повисоко ниво од претходно посебно на девојките и не е тешко да се направат некакви подобрувања, иницијативата како да стои во место втора година по ред. Што треба да се направи, кои треба да бидат следни чекори?
– Знаете што е интересно, раководител на секторот образование во Град Скопје е жена, и јас предложив да се разговара со школите, тие да предложат чекори и заедно да направиме нешто, на што одговорот беше „да, да, ќе направиме“ и остана на тоа. Реално и во минатото се случувало да се остави да помине некоја одлука без да се направи нешто и да се пренаменат парите. Јас како советничка реално немам механизам како да влијаам, освен да поставам прашање преку одлука на совет…Дури за разлика од претходни години кога ни беа праќани и програмите, годинава ни беше пратен само буџетот за да не можеме лесно да се снајдеме, и од сектор финансии не добивме помош во изработка на буџет, во смисол од каде треба-не треба, од каде има простор да се префрлат буџетски средства, рекоа дека не можат да ти помогнат – истакнува Крстевска додавајќи дека се соочила со несоработлив однос на администрацијата на Град Скопје.
Единствено што може да се направи, како што додава, е да почне да се зборува, да се врши јавен притисок, да прашува јавноста каде се парите. На крај на годината се поднесува извештај за буџетот, но колкава е транспарентноста на Град Скопје и дали има информации, отчет кон јавноста?
– Извештај има, не знам дали ќе биде на следнава седница извештајот за извршување на буџетот за 2022 година. Тогаш ќе треба да се провери кои средства каде точно се потрошени. Но медиумите, конкретно Радио МОФ кога побараа од Градот од секторот образование официјално информации за тоа дали се потрошени парите и како, никогаш не добија одговор – посочува Крстевска, што повторно укажува на недоволна транспарентност.
Во некои земји на ова прашање се посветува големо внимание од властите, овие производи се субвенционираат…кај нас по големите заложби на невладиниот сектор, и барањето кое беше поднесено до Министерство за финансии влошките требаше да бидат со намалено ддв од 18 на 5% според најавата на владата пред Нова година, но на терен сеуште нема никакви промени… Што мислите дека треба да се направи, каков притисок треба да се направи за да се исполнат дадените ветувања, во дадениов случај од Град Скопје и има ли интерес од јавноста за реализацијата, од средношколките кои се директно засегнати од оваа одлука?
– Малку е чудно што и од организациите кои работат на ова прашање, додека се поднесе амандманот даваа поддршка, но после како се да стагнираше, нема реакции, нема интерес за процесот. Сметам дека најголемо влијание може да се направи преку медиумите…голем проблем е што градските власти се игнорантски за се што ќе се изреагира или каже…Ова не е нешто што е политичка тема, ги засега девојчињата, треба да се повика Град Скопје да објасни зошто не е реализирано ова ветување. Помош секогаш има, и од советниците, од невладини, експерти, за да се направи стратегија. Жално е ако парите кои се одвоени од буџетот и втора година по ред да не се искористат – заклучува Крстевска. А.Р.